Потпретседателката на САД, Камала Харис утре за Cи-Ен-Ен ќе го даде своето прво интервју како претседателски кандидат од почетокот на кампањата пред нешто повеќе од еден месец, објави синоќа таа телевизија.
Таа ќе одговара на прашањата на Си-Ен-Ен заедно со нејзиниот потпретседател, гувернерот на Минесота, Тим Волц, со кого ќе води кампања во јужната држава Џорџија, една од одлучувачките држави за изборите на 5 ноември.
Интервјуто со новинарката Дејна Баш ќе се емитува во 21 часот по локално време (3 часот во петок по средноевропско време), објави Си-Ен-Ен.
Демократскиот претседателски кандидат беше под голем притисок да даде интервју за голема американска медиумска куќа. Таа досега се ограничуваше на многу кратки изјави за новинарите по настапите во кампањата.
По интервјуто за Си-Ен-Ен, таа треба да има мошне очекувана дебата со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп на 10 септември.
Харис, која влезе во кампањата по повлекувањето на претседателот Џо Бајден на 21 јули од трката за втор мандат, оттогаш напредува во анкетите, но трката меѓу неа и Трамп и натаму е многу тесна, пишува „Франс прес“.