Папата Франциск ја именуваше сестра Алесандра Смерили за привремена секретарка на Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој и како делегат на Комисијата за Ковид-19 во Ватикан, соопшти денеска Светата столица.

Ова е првпат жена да биде назначена за секретар на дикастерија, пишува порталот за вести Ватикан њуз.

Таа доаѓа на местото на монсињор Бруно Мари Даф и отец Аугусто Зампини, кои се вратија во своите епархии.

Смерили служеше како потсекретар во дикастеријата од март 2021 година.

– Благодарна сум на Светиот Отец за тешката задача што ме повика да ја преземам и се молам Господ да ми помогне да го исполнам овој повик во духот на послушност кон Црквата, со смирение, страст, креативност и способност да слушам што се бара, рече Смерили.