Псалм 89
ЧЕТВРТА КНИГА
Бог е вечен, грешните луѓе не се постојани
1 Господи, Ти си ни прибежиште од род во род.
2 Дури уште пред да се појават горите и пред создавањето на Земјата и на вселената, отсекогаш и засекогаш Ти си Бог.
3 Го враќаш човекот во прав, и велиш: „Обратете се синови човечки!“
4 Зашто пред Твоите очи илјада години се како вчерашен ден, што поминал, и колку една стража преку ноќта.
5 Ги однесуваш како сон, како трева што зеленее наутро:
6 наутро ќе процути и ќе зазелени, а навечер паѓа и се исушува.
7 Така и ние исчезнуваме од Твојот гнев, и од Твојата јарост сме растревожени.
8 Ти си ги поставил пред Себе нашите беззаконија, нашите скришни гревови се во светлината на лицето Твое.
9 Сите наши дни минуваат под Твојот гнев, годините ни свршуваат како здив.
10 Дните на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осумдесет години; и повеќе време од нив се во труд и мака, бидејќи брзо минуваат и ние одлетуваме.
11 Кој ја знае силата на Твојот гнев, па во стравот пред Твојата јарост да се плаши?
12 Научи нѐ така да ги броиме нашите дни, па да се здобиеме со мудро срце.
13 Сврти се, Господи, до кога вака? Смилувај се на Твоите слуги!
14 Исполни нѐ изутрина со Твојата милост, Господи, за да се зарадуваме и се развеселиме во сите наши дни,
15 развесели нѐ за оние дни, кога нѐ понизуваше, за годините, во кои видовме зло.
16 Нека се видат кај слугите Твои делата Твои, и Твојата славна сила – кај чедата Твои.
17 И благоволението на нашиот Господ Бог нека биде со нас, и дај да ни успеат делата на рацете наши, дај им успех на делата на рацете наши.