Психијатри и психолози ширум светот проговорија за она што го гледаат и слушнаат од каучот. Тие зборуваа за најчестите ментални болести на својата нација, односот на луѓето кон својата професија, но и за најголемите проблеми на здравството во нивните земји.

Психијатри во Русија лекуваат со Толстој

Во Русија постои традиционален скептицизам кон психијатрија. Луѓето најмногу се загрижени дека ќе бидат ставени во владиниот регистар на жители со психички проблеми, за кој стравуваат дека тоа се користи за формални процедури, како што се добивање возачка дозвола и служење војска, но, исто така, но и казнување на луѓе за несогласување.

Сепак, благодарение на медиумите, популарните филмови и книги, психотерапијата сè повеќе станува „мејстрим” и помалку маргинализирана. Ова е особено забележливо кај младата, креативна класа, која психотерапијата ја гледа како знак на грижа за себе, вели психологот Витали Сонкин.

– Слушам различни приказни. Еден клиент ми кажа дека психијатар му препорачал да го прочита Толстој, бидејќи ќе му послужи како модел како треба да се однесува. Очигледно тоа не дава резултат. Мислам дека терапевтите треба да го користат западниот пристап, тука луѓето се навикнати на лекување со строг пристап на лекарот – рече тој.

Антидепресивите станаа популарни и нивната употреба е на некој начин хаотична. Бидејќи многу луѓе не веруваат на психијатри, ги користат на своја рака.

Италијанците имаат вкоренети предрасуди кон психотерапијата

Менталните болести се во пораст кај Италијанците, а најчестата од нив е депресија. Сепак, статистиката не зема предвид голем број поединци кои продолжуваат да веруваат дека психијатријата е за „луди луѓе”. Во Италија се уште има културолошка предрасуда за психотерапија или антидепресивите, кои се смета дека се само за луѓе кои ги загубиле разумот.

– Употребата на антидепресиви е исто така зголемена кај адолесцентите поради се поголемата социјална изолација. Нивните животи се одвиваат во нивните соби. Тие живеат во виртуелен свет – изјави психијатарот и истражувач Алберто Пеали.

Во земјата не постои диверзификација на болеста врз основа на сериозност, а барањата за нега се толку бројни што периодот на чекање може да трае со месеци. Процесот се забрзува ако некој се обиде да изврши самоубиство и заврши во болницата, но честопати се заобиколуваат оние со депресија или помали нарушувања.

Отсутни родители се главниот проблем во Кина

Голем број ментални пациенти во Кина се деца и адолесценти. Тие најчесто се соочуваат со анксиозност, депресија и суицидно однесување. Овие нарушувања се манифестираат како проблеми во учењето и вниманието и хиперактивност.

Причината за овие проблеми најчесто е лош однос на децата со нивните родители. Во Кина има голем број отсутни родители кои не го ставаат односот со децата на прво место.

– Во нашата земја сега постои голема средна класа, како и многу богато и сиромашно малцинство. Очигледно е дека постојат галактички разлики во начинот на живот, но дали сте извршен директор или работник имигрант, ако живеете одвоено од своите деца и ги гледате само два пати месечно, тоа ќе предизвика ист стрес – објаснува Џорџ Ху, шеф на менталното здравје во шангајска болница.

Се забележува промена во ставот кон менталното здравје, што некогаш беше табу тема. Кинескиот јавен систем овозможи пристап до ресурси за 1,4 милијарди луѓе. Простор за подобрување има во пристапот до психотерапијата како составен дел на психијатријата.

– Мислам дека технологијата ќе доведе до поголем пристап до психотерапија. Кинезите се многу отворени кон технологијата и успеав да ја воспоставам практиката на психотерапија од далечина – рече Ху.

 

Во Нигерија претепувањето е лек за луѓе со психози

Бандите, тероризмот и киднапирањата се во пораст на улиците на Нигерија, што го прави животот на жителите многу хаотичен. Тоа се фактори кои доведуваат до проблеми со менталното здравје.

– Не постои сигурно истражување за ова, но веројатно имаме повеќе проблеми со менталното здравје од другите земји. Имаме само 250 психијатри за 200 милиони луѓе. Тоа е помалку од еден на пет милиони – вели Оје Гуреџе, нигериски професор по психијатрија.

Мнозинството луѓе во оваа земја со вообичаени нарушувања, како што се депресија, анксиозност и посттрауматски стрес, никогаш не добиваат третман. Оние со сериозни нарушувања, како што е психозата, обично завршуваат кај верски или традиционален исцелител.

Тие користат растенија, а само ретки од нив даваат некаков ефект. Се служат си ритуали, жртви, молитви, со пост и света вода, но, исто така, и со потенцијално штетни работи, како што се врзување, жртвување и претепување.

Социјалните мрежи ја зголемија анксиозноста во Египет

Сè уште постои стигма за менталното здравје во Египет. Една од нив е дека терапијата ќе ве направи „слаб” или „уште полуд”, што ќе влијае на вашата работа или шанси да стапите во брак. Но, ова со текот на времето се намалува.

– Менталното здравје на Египѓаните многу се промени откако дипломирав во 2001 година. Проблем кој најчесто го лекувам е вознемиреност. „Епидемијата” на панични нарушувања започна од египетската револуција во 2011 година, но исто така и сп пронаоѓањето на паметните телефони. Зголемената употреба на технологијата и социјалните мрежи дефинитивно го зголемува нивото на анксиозност– вели психологот Салим Баракат.

Тој забележал јасна генерациска поделба меѓу неговите пациенти. Помладите се, по правило, повеќе свесни за психотерапијата. Помладата прореволуционерна генерација, која сака да направи промени, е повеќе фокусирана на нејзиното ментално здравје.

Недостаток на психијатриски лекови во Аргентина

Аргентина ја надминува секоја друга земја по психолози. Таа има 223 психолози на 100 илјади жители, додека Холандија е втора со само 123, а третата е Германија со 50.

Ова значи дека Аргентинците кои страдаат од блага невроза или само сакаат да се запознаат себеси подобро се во одлична позиција во однос на заштитата на менталното здравје.

Од друга страна, ако имате ниски примања и сериозна ментална состојба, зависите од системот за јавно здравје и може да се најдете во проблеми.

Јавното здравје е преоптоварено и недоволно финансирано, а во болниците честопати недостасуваат психијатриски лекови, исто како пеницилин или газа.