Доцна синоќа, со усвојување резолуција врз основа на извештајот на Едит Естрела (Португалија), ПССЕ се изјасни дека пристапот до основното право за безбедна, чиста и здрава животна средина е нерамномерно поделен помеѓу регионите, земјите и поединците, нагласувајќи дека ефектите од климатските промени имаат непропорционално влијание врз сиромашните земји, како и за неповолните групи, малцинствата, жените и децата, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Усвоениот текст предлага збир мерки за борба против нееднаквостите во правото на здрава животна средина што произлегуваат од економските разлики меѓу земјите и во рамките на земјите. „Секој нов правно обврзувачки инструмент за правото на безбедна, чиста и здрава животна средина ќе мора да ги адресира сите извори на нееднаквост, со цел да ги минимизира“, нагласува ПССЕ.
Во втората резолуција, врз основа на извештајот на Пјер-Ален Фридез (Швајцарија), ПССЕ ја подвлече важноста од заштита на човековите права на населението принудено да емигрира поради катастрофи или тешкотии поради климатските промени со особено внимание за ранливите групи.
Притоа ПССЕ препорачува зајакнување на соработката за развој и итна помош во земјите на потекло на мигрантите, со цел да се одговори на проблемите со безбедноста на храната и водата или личната и политичката безбедност. Според парламентарците, правото на здрава животна средина, исто така, треба да се вклучи во меѓународните инструменти кои влијаат на миграцијата, како што се инструментите за подготвеност при катастрофи, стратегии за економски развој или договори за производство на енергија.
Со усвојување на трета резолуција, базирана на извештајот на Оливие Бехт (Франција), ПССЕ ги повика државите да ги преиспитаат своите политики за истражување и развој, да им дадат приоритет на полето на зелената економија, енергијата и циркуларната економија, за постигнување на целта за неутралност на јаглеродот до 2050 година.
ПССЕ им препорача на државите да одржуваат фундаментални истражувачки проекти кои можат да овозможат откривање нови извори на одржлива енергија и да размислуваат за новите форми на финансирање за истражување, особено за можноста за издавање „зелени обврзници“ достапни за пошироката јавност. ПССЕ предложи Комитетот на министри да воспостави рамка како што е проширен делумен договор, така што земјите – членки ќе ги здружат идеите и истражувачките ресурси за целни проекти и ќе создадат банка од стратешки ресурси неопходни за енергетска транзиција, за да ја зајакнат стратешката независност на европските земји.