Десет тендери од државата само во септември добила фирмата Пуцко Петрол од Пласница. Тежат над половина милион евра. Ќе ја снабдуваат со нафтени деривати општината Прилеп, Здравствениот дом во Штип, судот во Кичево, Универзитетската клиника, општината Чучер Сандево, училиштето Коле Неделковски во Велес, општината Чаир, Пробиштип, Државните електрани и МВР, објавува Алсат-М.

Пуцко Петрол е во сопственост на Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Прашавме во Антикорупциска дали има судир на интерес и политичко влијание, што фирма во сопственост на син на пратеник, добива толку државни тендери.

„За да се отстрани сомнежот од постоење потенцијален судир на интереси и ризик од влијание, посебно политичко, потребно е постапката за јавни набавки да биде спроведена на транспарентен начин и да обезбеди фер конкуренција и избор на економски најповолната понуда“, наведе Билјана Ивановска, Претседател на Антикорупциска.

Ивановска за Алсат додаде дека е важно на тендерот да се пријавиле повеќе фирми за да се оттргне сомнежот од влијание. Затоа ги проверивме договорите од септември. На тендерот јавниот оглас на општина Чучер Сандево имало само една понуда, онаа на Пуцко Петрол. Исто е и со Судот во Кичево, единствена понуда е онаа на фирмата на Јахоски. Пуцко Петрол тендерот за набавка на бензин и нафта за општина Чаир која ја води кадар на ДУИ ја добил за само 68 денари поевтина понуда во однос на конкурентската фирма.

Немало електронско наддавање, туку понудите биле конечни а тендерот е тежок 19 илјади евра. Според бирото за јавни набавки, последен тендер кој го добил Пуцко Петрол е на втори месецов. За 13 илјади евра ќе ја снабди општина Кисела Вода со нафта и бензин за службените возила. Понудата на Пуцко Петрол е единствена и на тендерот не се пријавила друга фирма.