Десетици луѓе се повредени, од кои некои потешко, кога пукна жичарница во ски-центар во Шпанија, јавија локалните медиуми.

Инцидентот со жичарницата се случил во ски-центарот Астун, кој се наоѓа на шпанската граница со Франција, во планинскиот венец Пиринеи.

Во инцидентот се повредени најмалку 30 лица. Девет од нив се многу тешко повредени, а осум тешко повредени, јавуваат локалните медиуми.

Причината за инцидентот засега не е позната.

Снимките на социјалните мрежи покажуваат луѓе како лежат во снегот додека хеликоптер слетува во одморалиштето.

Најмалку една жена се бори за живот и со хеликоптер е пренесена во болница во Сервет. Сите локални болници во Јака, Хуеска, Мигел Сервет, Универзитетската клиника, Рохо Виланова и Барбастро ги примаат повредените.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека е „шокиран од веста за несреќата“.

„Сето наше сочувство е до повредените и нивните семејства“, рече тој.