Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија „со сила ќе го заземе целиот украински регион Донбас, ако не се повлече украинската армија“.
– Или со сила ќе ја заземе територијата или украинската армија ќе се повлече, изјави Путин во интервју за индиската телевизија „Индија тудеј“ (India Today).
Претходно, Украина соопшти дека „нема да и подари на Русија дел од својата територија“, а претседателот Володимир Зеленски додаде оти „Москва не треба да биде наградена за војната што ја почна“.
Русија моментално контролира над 19 проценти од територијата на Украина, а во преговорите со САД за завршувањето на војната, Москва нагласи дека сака да го контролира целиот Донбас, дел од Украина кој се состои од два региона, Доњецк и Луганск.
Путин пред два дена разговараше и со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, и изјави дека Русија „прифатила некои американски предлози“ и оти продолжуваат преговорите.
Кремљ во 2022 година објави дека украинските територии Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје ѝ припаѓаат на Русија.
фото: архива




