Американскиот воен брод кој влегол во Црното Море може јасно да се види со двоглед или преку нишан на соодветен одбранбен систем, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

– Како што знаете, американскиот воен брод сега влезе во Црното Море. Тоа може јасно да се види преку двоглед или преку нишан на соодветен одбранбен систем, рече тој, отворајќи серија традиционални собири на одбранбената индустрија во Сочи.

Шестата флота претходно на Твитер објави дека нивниот команден брод „Маунт Витни“ се упатил кон местото на воените вежби во Црното Море.

– Командниот брод на Шестата флота на американската воена морнарица „Маунт Витни“ почна да транзитира кон север, кон Црното Море, каде што ќе спроведува операции со нашите сојузници и партнери од НАТО во регионот, се вели во соопштението.

Кон крајот на минатата недела командите на САД и НАТО објавија дека ќе бидат извршени вежби во Средоземното Море и Црното Море, чија цел е да се обезбеди безбедност и стабилност во регионот.

Покрај тоа, американскиот разурнувач „Портер“, вооружен со крстаречки ракети, пред два дена заплови во Црното Море, но не се знае дали неговото испраќање во регионот е поврзано со најавената вежба.

Разурнувачот „Портер“ го надгледуваат силите на руската Црноморска флота.