Повторно пристапување на Русија кон договорот за жито е можно по детална истрага за нападот на бродовите во Севастопол и добиени безбедносни гаранции од Украина, му изјавил денеска рускиот претседател Владимир Путин на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган, соопшти прес-службата на Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
„Неопходно е да се спроведе детална истрага за околностите на обидот за напад врз инфраструктурата и бродовите на Црноморската флота во Севастопол, како и да се добијат реални гаранции од Киев за строго придржување кон Истанбулските договори, особено за некористење на хуманитарниот коридор за воени цели. Дури потоа би можело да се размислува за продолжување на активностите во рамките на Црноморската иницијатива“, се наведува во соопштението на Кремљ, пренесено од Тасс.
Рускиот претседател потсетил и дека не е исполнет вториот дел од договорениот пакет, што се однесува на деблокирање на извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари.
Ердоган му кажал на својот руски колега дека Турција продолжува да ги презема неопходните чекори за решавање на проблемите поврзани со спроведувањето на договорот за жито.
Русија во саботата соопшти дека го суспендира своето учество во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.
Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.