Рускиот претседател Владимир Путин им порача на африканските лидери дека ќе им даде десетици илјади тони жито во рок од неколку месеци и покрај санкциите од Западот, кои, според него, го отежнуваат извозот на жито и вештачки ѓубрива на Москва.

„Русија очекува рекорден принос на жито и е подготвена да го замени украинскиот извоз во Африка на комерцијална и хуманитарна основа“, рече Путин.

„Во следните три-четири месеци ќе бидеме подготвени да испорачаме од 25.000 до 50.000 тони бесплатно жито во Буркина Фасо, Зимбабве, Централноафриканската Република и во Еритреја“, рече Путин, чии зборови беа проследени со аплауз.

Путин нагласи дека Москва се повлече од договорот бидејќи ниту едно од нејзините ветувања за отстранување на пречките за извоз на сопственото жито и вештачките ѓубрива не е исполнето.

На самитот Путин изјави дека повеќе од 70 отсто од украинското жито извезено благодарение на тој договор завршило во богатите и средно богатите земји, вклучително и во Европската Унија.

„Посиромашните земји, како Судан, добија помалку од три отсто од украинското жито“, рече Путин додавајќи дека западните санкции го спречуваат извозот на руско ѓубриво во сиромашните земји.

„Тука имаме еден парадокс. Од една страна, западните земји ја попречуваат испораката на нашето жито и вештачките ѓубрива, а од друга, лицемерно нѐ обвинуваат за моментата состојба на светскиот пазар на храна“, рече Путин.

На самитот во Санкт Петербург учествуваат 49 од 54 африкански земји заедно со 17 шефови на држави и четворица премиери.