Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја повика владеачката партија „Единствена Русија“ да ја преземе својата одговорност и „да одговори на проблемите на луѓето“ за повторно да стане „машина која победува“.
Путин ова го кажа на денешниот годишен Конгрес на „Единствена Русија“ што се оддржува во Москва.
Рускиот претседател зборуваше пред 2.000 делегати, меѓу кои имаше и голем број регионални гувернери, пратеници и сенатори, како и премиерот Дмитриј Медведев, лидерот на партијата.
-Вие треба да ги најдете и сами да ги отворите горливите прашања, без чекање. Обидете се сами да ги решите проблемите, рече Путин пред насобраните делегати, наведуваји ги како пример лошата состојба во болниците и училиштата.
„На терен треба да видите се што функционерите не го гледаат. Барајте решенија, рече Путин, кој сега заради функцијата официјално не е член на партијата, што ја формираше во 2001 година.
Постојано се намалува популарноста на „Единствена Русија“ меѓу граѓаните , пред се, заради економската стагнација на земјата и непопуларната пензиска реформа.
Денешниот 19. Конгрес ќе послужи како подготовка за парламентарните избори во 2021 година, и на него ќе се одреди тимот за предизборната кампања, што, според руските медиуми, никогаш порано не било направено толку рано.
Присуството на Путин на Конгресот има за цел да ја зголеми популарноста на партијата која е сега на ниво од 32,6 отсто поддршка кај граѓаните, многу далеку од огромните 54 отсто добиени на изборите во 2016 година, покажуваат последните анкети.
Рускиот претседател, со лична популарност од 70 отсто кај граѓаните, сака да ја поврати дисциплината во партијата, од која бројни членови почнаа да се дистанцираат, и на локалните избори во септември веќе се појавија како независни кандидати, пред се, за да ја избегнат непопуларноста на „Единствена Русија“.