Дмитриј Медведев, вториот човек по Владимир Путин во Русија и претседател на партијата Единствена Русија, отсуствуваше на конгресот на владејачката партија, објави Франс прес.

Во својот говор, Владимир Путин ги објави првите пет лица кои ќе ја предводат федералната листа на избори во Дума на 19 септември оваа година. Меѓу нив се министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, објави Асошиејтед прес.

Со овој потег, Путин има за цел да привлече повеќе гласови за Единствена Русија на претстојните избори, забележува агенцијата.

И Шојгу и Лавров се многу популарни поради нивните силни позиции во одбраната, односно во надворешната политика. Фактот дека тие се наоѓаат на изборната листа не ги обврзува да ги заземат местата на пратеници доколку бидат избрани.

Медведев е отсутен од првите пет поради неговата мала популарност – само 23 проценти го поддржуваат, а 66 – не го поддржуват, изјавија анонимни извори за руските медиуми.

Владимир Путин на конгресот им вети на Русите милијарди рубљи за подобрување на нивниот животен стандард, пренесе АФП.

Рускиот лидер зборуваше скоро еден час пред неколку стотици високи функционери на Единствена Русија собрани на конгрес во Москва.

Програмата на владејачката партија треба да биде програма на народот, рече Путин, во услови на растечка непопуларност на Единствена Русија меѓу руското население, предизвикана од економската стагнација и скандалите со корупцијата.

Путин предложи да се издвојат десетици милијарди рубљи за подобрување на јавниот превоз, патиштата и инфраструктурата, поправка на училишта и чистење на реките.

„Просперитетно и цврсто семејство со деца е иднината на Русија“, рече Путин, кој останува верен на својата одбрана на семејните вредности и својата цел да се бори против демографскиот пад на Русија.

Во услови на растечка епидемија на ковид во Русија и напори да се започне руска кампања за вакцинација против ковид, Путин исто така повика на најмалку 100 милијарди рубљи за зајакнување на јавниот здравствен систем