Рускиот претседател Владимир Путин отстрани неколку опозициски фигури од својот Совет за правата на човекот, се гледа од указот што денеска беше објавен.

Педесетчлениот орган, што се залага за борба со злоупотребите, постепено го губи влијанието и многу почитувани членови на заедницата на правата на човекот веќе се откажаа од него во знак на протест против различните акции во Кремљ.

Пет лица ќе бидат отстранети од Советот, вклучувајќи го и неговиот шеф, ветеранот Михаил Федотов, се гледа од указот на претседателот, што денеска беше објавен на владиниот сајт.

Меѓу останатите четворица се наоѓаат познатата политичка аналитичарка Екатерина Шулман, која отворено го поддржува лидерот на опозицијата Алексеј Навални и адвокатот Павел Чиков, чија организација им дава правна поддршка на притворените политички демонстранти.

Тие ќе бидат заменети од актуелни и поранешни вработени во државните медиуми, меѓу кои е Кирил Вишински, новинар на државната информативна агенција РИА Новости, кој беше затворен во Украина и минатиот месец се врати во Русија при размената на затвореници.

Новиот лидер на Советот, Валери Фадеев, е висок член на владеачката партија “Единствена Русија” и работи како уредник на вести на Првиот канал, близок до Кремљ.

Руските активисти за правата на човекот изјавија дека одлуката во пракса значи краја на Советот како легитимен консултативен орган за правата на човекот.

„Советот е мртов. Нека почива во мир”, напиша на  Фејсбук, Григориј Мелконјанц, борец за избирачки права. Тој претпоставува дека многу поверојатно е дека новите членови ќе се договораат со властите.

Оние кои беа отстранети од Советот „секогаш се залагале за законот и правдата, а Путин не сака да задржи такви советници”, напиша на Твитер, Љубов Собол, опозициски политичар и сојузник на Навални.

МИА