Русија и Венецуела влегоа во стратешко партнерство наменето за проширување на нивната соработка во областите на енергетиката, рударството, транспортот и безбедноста.

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша договорот, со што тој стапи во сила, објави денеска државната новинска агенција ТАСС.

– Договорот ги носи руско-венецуелските односи на суштински ново ниво и ги опфаќа сите важни области на билатералната соработка, изјави претседателот на рускиот Парламент, Вјачеслав Володин.

Путин и венецуелскиот претседател Николас Мадуро се договорија да продолжат со стратешкото партнерство за време на посетата на венецуелскиот шеф на државата на Москва во мај.

Владата на Мадуро во Каракас во моментов е под значителен притисок од Вашингтон. САД го обвинуваат авторитарниот претседател за директна вмешаност во трговија со дрога и поставија награда од 50 милиони долари за негово апсење.

Веќе неколку недели, американските сили во близина на брегот на Венецуела напаѓаат глисери осомничени за шверц на дрога во САД. Мадуро неодамна предупреди против директна воена интервенција на САД во јужноамериканската земја и рече дека Трамп „измислува војна“ против него.

Заедно со Куба, Никарагва и Кина, Русија е најважниот сојузник на Венецуела.