Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг се согласија дека онлајн Самитот за демократија, кој САД го организираа минатата недела, е контрапродуктивен, изјави претставникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
– Лидерите се согласуваат во оценката дека настанот од почетокот бил замислен како конфронтирачки, што се покажа како точно, нагласи Ушаков.
На видео средбата меѓу двајцата лидери се разговарало и за продолжување на соработката во борбата против Ковид-19.
– Тие детално разговараа за прашањата поврзани со иднината на заедничката работа поврзана со пандемијата и се договорија дека ќе ги зајакнат работните врски меѓу одговорните санитарни агенции, додаде Ушаков.
Тој нагласи дека двете страни укажале на важноста од дистрибуцијата на руските вакцини Спутник В и Спутник Лајт во Кина. Договорено е да се обезбедат повеќе од 150 милиони дози годишно.
Кина, исто така, планира да ја прошири соработката со Русија во развојот на вакцини, лекови и разни тестови.
– Планираме да ја зајакнеме соработката и контактите со Русија на полето на развој на тестови за Ковид, вакцини и лекови, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Рускиот претседател го истакна придонесот на руско-кинеската соработка за светската стабилност.
– Блиската соработка меѓу Русија и Кина, нивните акции на глобалната арена, одговорниот заеднички пристап кон решавањето на глобалните проблеми станаа важен стабилизирачки фактор во меѓународните односи, рече Путин.
Според некои руски медиуми, рускиот претседател го информирал Си за неодамнешниот разговор со Џозеф Бајден, за заканата од проширувањето на НАТО на исток и за потребата од преговори за безбедносни гаранции дека нема да се прошири понатаму на исток, оценувајќи дека разговорот бил значаен, рече Ушаков.
Рускиот и кинескиот лидер разговараа и за безбедносниот договор АУКУС (САД-Велика Британија-Австралија), оценувајќи дека тој блок ја поткопува нуклеарната рамнотежа и ги зголемува тензиите во регионот, додаде Ушаков.
– Изразена е загриженост и за активностите на Америка за реконфигурирање на моменталната ситуација во азиско-пацифичкиот регион поради пактот АУКУС. Двајцата лидери детално разговараа на оваа тема, нагласи Ушаков.
Си и Путин претходно разговараа на 28 јуни, на 20-годишнината од потпишувањето на Договорот за добрососедски односи, пријателство и соработка меѓу Русија и Кина.