Рускиот претседател Владимир Путин го предупреди Израел да не ја опколи Газа како што нацистите му го направија тоа на Ленинград, нагласувајќи дека копнената офанзива во енклавата ќе доведе до апсолутно неприфатлив број цивилни жртви. Путин рече дека Израел бил цел на напад на Хамас со невидена суровост, но дека одговорил со методи кои исто така биле сурови.
„За мене е неприфатливо. Таму живеат повеќе од два милиони луѓе. Далеку од тоа дека сите го поддржуваат Хамас. Но, сите ќе страдаат, вклучително и жените и децата“, рече Путин на самитот во Киргистан. Неговата критика кон Израел е заострена со споредба со опсадата на Ленинград и имплицитна споредба со нацистичка Германија.
Ленинград, денешен Санкт Петербург, беше под опсада на нацистичка Германија повеќе од две години, а повеќе од милион советски цивили ги загубија животите. Родителите на Путин ја преживеале опсадата на неговиот роден град.
Рускиот претседател, иницијатор за инвазијата на соседна Украина, изјави дека Израел има право да се брани. Тој го изјави ова откако Израел повика околу еден милион луѓе да се евакуираат од северниот дел на Појасот Газа на неговиот југ во рок од 24 часа. Израел носи голем број тенкови долж границите со таа енклава, пред очекуваната копнена инвазија.