Рускиот претседател Владимир Путин го продолжи до 31 декември декретот со кој се забранува продажба на руска нафта и нафтени деривати на странски правни и физички лица доколку договорите содржат услов за ограничување на цената што го поставија Соединетите Американски Држави и голем број други земји.
Уредбата за примена на посебни економски мерки во секторот горива и енергија во врска со воспоставувањето максимална цена на руската нафта и нафтените деривати од некои странски земји стапи на сила за прв пат на 1 февруари 2023 година и е продолжена неколку пати, пренесе Интерфакс.
Земјите од Групата 7 и Европската унија воведоа забрана за увоз на руска нафта и нафтени деривати, но им дозволија на бродарите на нивните земји да ги транспортираат и да обезбедат посреднички и други услуги доколку стоката се продава по цена што не ја надминува горната граница на цени утврдена од наведените земји.