Рускиот претседател Владимир Путин денес го продолжи указот за забрана за продажба на руска нафта и нафтени деривати на странци до крајот на 2025 година, доколку договорите содржат ограничување на цените наметнато од САД и некои други земји.
Указот првпат стапи на сила на 1 февруари 2023 година, а оттогаш е продолжен неколку пати, неодамна до 30 јуни оваа година, објави Интерфакс.
Земјите од Г7 и Европската Унија воведоа забрана за увоз на руска нафта и деривати, но дозволуваат транспортни и брокерски услуги за такви производи доколку се продаваат по цена што не е повисока од утврдената горна граница.
Целта на ова ембарго и дополнителните мерки е да се ограничат приходите на рускиот буџет од продажба на енергетски ресурси и во исто време да се зачува доволно снабдување со нафта на светскиот пазар.
Кремљ смета дека ограничувањето на цените на нафтата е спротивно на пазарните принципи и бара од компаниите и поединците кои склучуваат договори да ги исклучат сите клаузули за горната граница на цените од договорот, како и да обезбедат контрола на почитувањето на ова правило до крајниот клиент, пренесува Танјуг.