За време на состанокот со францускиот колега Емануел Макрон, претседателот на Русија Владимир Путин на парче хартија нацртал мапа од украинскиот брег за да му објасни зошто Русија ги запленила бродовите од водите кај Крим, соопштија денеска претставници од кабинетот на францускиот претседател.
Наведоа дека за време на состанокот со Макрон, Путин земал хартија и пенкало и графички го прикажал украинскиот брег и спорните територијални води, каде минатиот викенд имаше инцидент со украинските воени бродови.
Францускиот претседател, наведуваат претставниците од неговиот кабинет, сепак побарал документи со кои би се потврдиле руските тврдења и инсистирал на потребата од воздржаност во судирот.
Украина тврди дека нејзините воени бродови тогаш биле во меѓународните води, додека Русија тврди дека украинските бродови влегле незаконски во нејзините територијални води.
Како што веќе објавивме, Русија тогаш заплени три украински бродови и членовите на нивните екипажи.