Рускиот претседател Владимир Путин денеска, одговарајќи на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги поштеди животите на украинските војници, рече дека за тоа е потребна наредба од украинското раководство до армијата да го положат оружјето и да се предадат.
„Во таа насока, би сакал да нагласам дека доколку го положат оружјето и се предадат, ќе им се гарантира живот и достоинствен третман во согласност со нормите на меѓународното право и законите на Руската Федерација“, рече Путин.
Тој нагласи дека „украинските милитанти извршиле бројни злосторства против цивилното население на Русија“, но дека ги цени напорите на администрацијата на Трамп за нормализирање на односите со Москва, пренесе РИА Новости, пренесе Танјуг.
„Новата администрација, предводена од претседателот Трамп, прави сè за да врати барем дел од она што беше практично сведено на нула, што беше уништено од претходната американска администрација“, рече тој. Претходно денеска Трамп изјави дека имал многу добри и продуктивни разговори со неговиот руски колега Владимир Путин и дека има ветувачки шанси војната во Украина да заврши.
„Постои многу добра можност оваа ужасна, крвава војна конечно да заврши, но во моментов илјадници украински војници се целосно опкружени од руската војска и се во исклучително тешка и ранлива ситуација“, рече Трамп на Truth Social.
Тој рече дека побарал од рускиот претседател да ги поштеди животите на украинските војници. „Тоа би бил ужасен масакр, каков што не е забележан од Втората светска војна. „Бог да им помогне“, рече Трамп.
Путин и Трамп разговараа телефонски во четвртокот.