Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека руската морнарица следниот месец ќе добие хиперсонични крстосувачки ракети од типот Циркон.

Говорејќи во Санкт Петербург на прославата на Денот на руската морнарица, тој рече дека областа на употреба на Циркон „ќе зависи од руските интереси“.

Путин директно не ја спомна Украина, но рече дека ја потпишал новата доктрина на морнарицата и тврди дека ракетата Циркон е „уникатна во светот“.

„Испораката на овие ракети до вооружените сили на Русија ќе започне следниот месец. Фрегатата „Адмирал Горшков“ ќе биде првата што ќе оди во борбени мисии вооружена со ова застрашувачко оружје“, рече Путин, додавајќи: „Клучната работа е способноста на руската морнарица, која е способна со молскавична брзина да одговори на сите што ќе изберат да го загрозат нашиот суверенитет и слобода“.

Хиперсоничните проектили можат да патуваат со девет пати поголема брзина од звукот. Минатата година Русија спроведе серија Циркон тестови од воени бродови и подморници.