Односите меѓу Русија и САД, низ историјата биле добри, а двете земји пронаоѓале нешто што ги спојува, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

„Отсекогаш, во многу долг период, сме имале многу добри и уникатни односи со САД. Ја поддржувавме нивната желба за независност од Велика Британија. Всушност, ги снабдувавме со оружје и им помагавме со пари. Потоа Северот беше поддржан за време на граѓанската војна Север-Југ“, рече Путин во интервју со новинарот Павел Зарубин, пренесува ТАСС.

Тој рече дека во оваа смисла, Русија и САД сепак пронашле нешто што ги „обединува“.

Според соопштението на Кремљ, Путин зборувал и за придонесот на Русија кон независноста и државноста на САД во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп на 3 јули, кога му го честитал на Трамп Денот на независноста, кој во САД се слави на 4 јули.

ТАСС известува дека во текот на годините на борба меѓу американските колонии и Велика Британија, Русија одржувала вооружена неутралност, што играло важна улога во независноста на идните Соединети Држави. Русија, исто така, ја поддржала легитимната влада во Вашингтон по отцепувањето на јужните држави во 1861 година, а царската влада во Санкт Петербург не преговарала со самопрогласените Конфедеративни Американски Држави кои поседувале робови и го признала суверенитетот на САД над целата американска територија, пренесува руската агенција.