Рускиот претседател Владимир Путин изјави денес, за време на средбата со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Кремљ, дека е можно одржливо решение за палестинско-израелскиот конфликт врз основа на принципот на две држави.
„Со загриженост и емпатија ги следиме трагичните настани во палестинско-израелската зона на конфликт, во кои загинаа повеќе од 51.000 луѓе. Тензиите се зголемуваат и на Западниот брег. Појасот Газа доживува хуманитарна катастрофа во вистинската смисла на зборот. Русија, како пријател на палестинскиот народ, се обидува редовно да обезбедува помош“, рече Путин.
Путин му предложил на Абас да разговараат за можни дополнителни активности на Русија за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток и му се заблагодарил на палестинскиот претседател за учеството на прославите по повод Денот на победата во Москва, пренесува РИА Новости.
Абас му се заблагодари на Путин за хуманитарната помош во форма на 30.000 тони пченица, истакнувајќи дека ситуацијата во Газа е „многу лоша“.
Палестинскиот претседател нагласи дека неговиот народ не сака „блискоисточна ривиера“, сугерирајќи дека тоа е предлог што претходно го даде американскиот претседател Доналд Трамп за насилно раселување на Палестинците од енклавата со цел да се создаде ривиера.
„Палестина сака прекин на огнот во Појасот Газа и решение за хуманитарните проблеми“, нагласи Абас.