Град Скопје во соработка со Психолошкиот центар Психограм денеска организира интерактивна работилница на тема „Играј со глава: ментален тренинг за млади спортисти“.
Работилницата ќе се одржи во Младинскиот Хаб на Град Скопје, во Домот на култура „Кочо Рацин“, од 12:00 до 14:00 часот.
– Во време кога младите спортисти сè почесто се соочуваат со притисок, очекувања и висока конкуренција, менталната подготовка станува подеднакво важна како и физичката. Овој настан има за цел да ја отвори токму таа тема – како да се гради самодоверба, како да се одржи фокусот во клучни моменти и како да се надминат стресот и неуспехот. Работилницата ќе понуди динамичен и интерактивен пристап, преку кој младите учесници ќе имаат можност да слушнат реални искуства, да поставуваат прашања и да учат конкретни техники кои можат веднаш да ги применат – пред натпревар, за време на игра или по направена грешка, наведуваат од Психолошкиот центар Психограм.
Со оваа иницијатива, како што посочуваат, се испраќа порака дека вложувањето во младите значи вложување во нивната целосна подготовка – физичка, но и ментална, што е клучно за здрав развој, спортски успех и животни вештини.
Настанот е дел од пошироките напори за поддршка на младите спортисти и создавање средина во која тие ќе се чувствуваат сигурно, поддржано и мотивирано да го достигнат својот потенцијал.
ФОТО: Психолошкиот центар Психограм




