Македонскиот тренер Александар Влахо го наследи српскиот стратег Ратко Достаниќ на клупата на Работнички, соопшти вечерва скопскиот фудбалски прволигаш.

Влахо краток период на почетокот nа сезоната 2019/2020 беше на чело на Работнички, а неговиот втор тренерски мандат официјално ќе започне в петок кога екипата ќе ги стартува подготовките за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска лига.

-Влахо е млад, квалитетен и мошне амбициозен тренер, кој заслужува да добие нова шанса на клупата на Работнички. Тој и во претходниот престој покажа дека е голем работник и потполно се вклопува во стратегијата на клубот за формирање млади и талентирани фудбалери, изјави претседателот на Работнички, Драган Поповски.

Повратникот на клупата на Работнички претходно беше дел од стручниот штаб на Вардар, а има интернационално искуство собрано во екипите на Динамо Загреб, Рига и Широки Бријег.

-Можам да ветам напорна работа, со надеж за добри резултати во пролетниот дел од сезоната, кои ќе го одведат тимот кон горниот дел од табелата во Првата лига, изјави Влахо за клупскиот сајт.

Работнички го заврши првиот дел од сезоната на седмото место, со 24 бодови од 18 натпревари.