Пратениците во португалскиот Парламент одобрија нови регулативи за работа од дома и претставија дополнителна заштита за вработените кои својата работа ја вршат надвор од компанијата.
Новите прописи се одговор на зголемената појава на работа од дома поради пандемијата на коронавирус. Властите рекоа дека гледаат придобивки од работењето од дома, но сакаат да го усогласат Законот за работни односи. Регулативите наметнуваат одредени казни за компаниите кои ја нарушуваат приватноста на персоналот или нивните семејства и ги обврзуваат работодавците да плаќаат надомест за трошоците направени од работата од дома, како што се сметките за струја или интернет.
„Компаниите треба да избегнуваат контактирање со работници надвор од работното време, освен поради вонредни околности.
Најмалку на секои два месеци работниците треба да се среќаваат со надлежните за да се избегне изолација на работниците“, се наведува во новата регулатива.
Компаниите кои нема да ги почитуваат прописите се соочуваат со казни. Одобрувањето на новите мерки е еден од последните чекори што ќе ги преземе парламентот пред распуштањето поради предвремените избори во јануари.