Крајно време е институциите во Република Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и вербалните изрази на омраза кон Бугарите. Ова го изјавил претседателот на Бугарија, Румен Радев во телефонски разговор со комесарот за проширување и соседска политика на Европската унија Оливер Вархеји, соопшти прес-службата на шефот на државата.

Радев нагласил дека зачестените случаи на агресија врз Бугарите во земјава „бараат дефинитивен институционален одговор“.

Обидите да се омаловажуваат и да се третираат само како криминални случаи не се во интерес на билатералните односи и европската перспектива на РСМ. Неработењето и немањето казни стимулираат злосторства од омраза, истакнал претседателот.

Тој ја повика Европската Унија да го гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во Македонија со истата енергија со која инсистирала да ги забрза нејзините евроинтеграции.

Радев пред неколку дена изјави дека ќе се активираат сите европски механизми „за да се стави крај на оваа антибугарска омраза и хистерија“.