Откако ја искритикува владата дека не изработила бугарски предлог, па го доставила францускиот во националното собрание, каде ја префрлила сета одговорност, бугарскиот претседател Румен Радев директно го искритикува и Петков, потсетувајќи го дека тој мора да има сопствен став, бидејќи е премиер а не курир.
„Предлогот на француското претседателство е секако чекор во вистинската насока, но остануваат голем број прашања кои треба да бидат решени, пред да се крене ветото“ – вели Радев.
Она што некако во Македонија се претставуваше и доживуваше како барање со чие исполнување ќе се тргне бугарското вето, односно вметнувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, Радев веднаш го демантираше и наброја повеќе други услови, со кои најблаго кажано, радикалниот бугарскиот национализам поддржан од Француските предлози, го цементира а не отстранува ветото.
„Запишувањето на Бугарите во уставот пред почетокот на преговорите е задолжителен но недоволен услов. Не помалку важно е да има јасни механизми и мерливи критериуми за искоренување на повеќе децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја. За обновување на уништените споменици и знаци на бугарштината во таа земја. За зачувување на бугарското културно историско наследство. За искоренување на говорот на омразата. За рехабилитација на сите жртви репресирани само затоа што продолжиле да се нарекуваат Бугари“ – повторно ги наброја Радев бугарските барања.