Четири месеци по парламентарните избори во Бугарија, претседателот Румен Радев му го врачи вториот мандат за формирање влада на академик Николај Денков, номиниран за премиер од Продолжуваме со промената, втората по големина пратеничка група во 48. Народно собрание.
Радев рече дека Денков овој мандат го добива на првиот работен ден од новата година, кога традиционално си посакуваме здравје, мир и бериќет и кога на него се гледа со надеж и очекување за повеќе разум, дијалог и разбирање. Тој изрази надеж дека Денков и партијата што ја претставува Продолжуваме со промената ќе ја побараат потребната собраниска поддршка.
Денков рече дека во име на Продолжуваме со промената го прифаќа вториот мандат со јасна свест дека задачата е исклучително тешка и рече дека се убедени дека мора да се направи сѐ што е потребно за да се формира влада.
Денков го информирал претседателот на Бугарија дека одржале консултации со три парламентарни партии – Демократска Бугарија, БСП и Бугарски подем.
Продолжуваме со промената ќе поднесе декларација со националните приоритети до 48. Народно собрание и при гласањето ќе се види дали има мнозинство за поддршка на нивната влада, објасни кандидатот за премиер Николај Денков.
Се очекува гласањето за декларацијата да се одржи утре во Народното собрание на Бугарија, но рокот за враќање на вториот мандат, според бугарскиот устав, истекува на 12 јануари.
Бугарските пратеници на 14 декември 2022 година не ја одобрија кандидатурата за премиер на ГЕРБ-СДС на проф. Николај Габровски, кој го доби првиот мандат за формирање влада. За него гласаа 113 пратеници, против беа 125. Поддршка за кандидатурата на проф. Габровски за премиер со првиот мандат на ГЕРБ-СДС стигна од пратеничката група на ГЕРБ, ПГ на ДПС, како и ПГ на Бугарски подем, но гласовите на пратениците од овие партии не беа доволни.