Бугарскиот претседател Румен Радев нема намера да почне нов политички проект во земјата бидејќи неговата цел е да ги поддржи оние проекти и партии кои работат за доброто на народот.
Шефот на државата ова го изјави во Карнобат, при посетата за празникот на градот, каде даде свој коментар за повеќе актуелни теми, меѓу кои и скандалот со фотографиите од куќата на премиерот Бојко Борисов, поплаките од новинарите за немањето пристап до пратениците во новата зграда на Националното собрание, како и за своите политички намери.
Радев категорично изјави дека нема да создаде нов политички проект, бидејќи ја поддржува секоја партија која ги брани интересите на народот.
-Се повеќе граѓани и организации го препознаваат претседателот како важен фактор за вистинските промени во земјата. И се повеќе различни партии, здруженија и организации изразуваат поддршка за позициите и ставовите на претседателот. Долго време кажувам дека ја поддржувам секоја организација, партија, движење чиј приоритет е бугарскиот народ, а не тесниот партиски интерес. Така ќе продолжам да ги поддржувам , рече Радев, цитиран од БНТ.