Бугарскиот претседател Румен Радев се обрати кусо за медиумите пред почетокот на самитот на ЕУ и повика на солидарност, но не прецизираше на која тема, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како и повеќето други лидери, бугарскиот претседател застана да се обрати пред камерите пред почетокот на средбата на шефовите на држави и влади на ЕУ и упати изјава во која побара солидарност од ЕУ.

-Ова е многу важна средба за сите земји членки и за иднината на ЕУ, имаме огромни предизвици пред нас и треба да го најдеме најважното: балансот, и во сите фактори што влијаат врз развојот на иднината потребна ни е солидарност и да се земат предвид проблемите на секоја земја членка, изјави Радев.

Нејасно е на што се однесува оваа изјава и дали Бугарија планира да ја отвори темата вечерва во Брисел со другите земји членки на ЕУ за преговорите со Република Македонија.

Денешниот ЕУ самит е посветен на Белорусија во најголем дел, додека утре на маса се Блискиот исток, Брегзит и Ковид-19.

Радев вечерва ќе оствари билатерална средба и со претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли.