Во текот на изминатите 24 часа власта режираше провокации, што дадоа повод за насилство врз новинарите и граѓаните. Настрадаа десетици лица, како меѓу граѓаните, така и меѓу припадниците на органите на редот, вечерва изјави бугарскиот претседател Румен Радев во посебното обраќање по синоќешните тензични протести во главниот град, јави БГНЕС.
-Пред очите на Бугарите се тргува со парламентарната поддршка за идниот Устав – се раздаваат пари и концесии. Со силата на парите и под закрила на полициските штитови се спроведува криминално насилство. Парламентарците од владиното мнозинство, кои не смеат да им погледнат во очи на своите избирачи, изгласаа 60-годишни концесии во Законот за подземните богатства, рече Радев.
Бугарскиот претседател додаде дека тие денеска илјадниците бугарски граѓани кои протестираат ги сведоа на криминален контингент, со што власта ја покажа својата суштина.
-Акциите на владејачкото мнозинство ја продлабочуваат кризата. Ги повикувам и демонстрантите и органите на прогонот да останат смирени и да не дозволат да бидат вовлечени во сценарио за опстанок на компромитираната корумпирана влада. Протестот е единствената законска алатка против киднапираната демократија. Итната и безусловна оставка на владиниот кабинет е единствениот излез од кризата, подвлече претседателот Радев.