Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, соопшти дека САД немаат индиции дека авионот на шефот на руската паравоена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, што се урна во средата во руската област Твер, бил соборен со ракети земја-воздух.
-Оценуваме дека таквите информации се неточни, рече Рајдер и додал дека Пентагон верува дека Пригожин е мртов, но дека тоа се уште не е потврдено, пренесува Гардијан.
„Јасно е дека знаеме дека групата „Вагнер“ има многу пипала, некои од воена природа, некои од криминална природа, во Африка. Мислам дека никој нема да ја намали опасноста од таа група или нејзините остатоци“, додаде портпаролот на Пентагон.
Тој посочи дека американските претставници ќе продолжат да ги следат активностите на „Вагнер“ во Африка.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно вчера им изрази сочувство на семејствата на загинатите во авионската несреќа, во која, како што се наведува, покрај Пригожин загинаа уште девет лица.
„Пригожин беше човек со сложена судбина, но талентиран“, рече Путин на средбата со вршителот на должноста лидер на самопрогласената ДНР, Денис Пушилин, и додаде дека групата „Вагнер“ дала значаен придонес во борбата против нацизмот во Украина.