Унгарија силно и непоколебливо го поддржува членството на Албанија во големото европско семејство. Тоа е во интерес на сите страни, изјавил унгарскиот премиер Виктор Орбан на попладневната заедничката прес-конференција со албанскиот колега Еди Рама, кој од вчера се наоѓа во посета на Унгарија.
– Сакам да ве запознам со премиерот на Албанија, кој е голем пријател на Унгарија. Тој победи на изборите три пати по ред, ова е голема работа, во земја како што е Албанија со жива демократија, во која се води голема политичка војна. Прашањата за кои разговаравме денеска е политичката соработка меѓу двете земји, се приближуваме до 100-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, сакаме тоа убаво да го прославиме, рекол Орбан, пренесува агенцијата Балкан веб.
Тој додал дека нема големи разлики меѓу двете земји и оти најважно е членството на Албанија во ЕУ.
– Унгарија е поддржувач и максимално е ангажирана на тоа Албанија да стане дел од ЕУ, ова не само што ја промовира нашата симпатија, туку и нашиот интерес. Без воспоставување членство за овој дел од Европа, нема стабилност. Би сакал уште еднаш да истакнам дека Унгарија е целосно посветена Албанија да добие членство во ЕУ, посочил Орбан.
Рама пак откако оценил дека за Албанија, Унгарија е земја со многу знаење, побарал билатералната соработка освен во економијата, да се прошири и во културата и образованието.
– Чест ми е да бидам пријател на премиерот и што имав можност да размениме мислења со него на темите кои ги спомна, но прво да побараме поддршка и помош на патот на развојот, модернизацијата и интеграцијата.Со нетрпение очекуваме проширување на соработката во повеќе области, рекол Рама.
Во негов стил уште додал дека албанско-унгарското пријателство е многу постаро. Вие, додал, ни дадовте кралица (сопругата на албанскиот крал Ахмет Зогу, Гералдина била унгарска принцеза), а ние ви го дадовме најдобриот стрелец на Ференцварош (Мирто Узуни).
Доцна попладнево Рама треба да отпатува за Бугарија, каде тема на разговорите секако ќе биде европската интеграција на Албанија.
Деновиве тој ги искритикува шефовите на државите членки на Европската унија за блокирањето на пристапот на Албанија и на Македонија.
За германски „Билд“ тој изјави дека ЕУ ги „прекршила ветувањата“ и води до „раздор“ меѓу народите на Балканот со „политички цинизам“, како во „Чекајќи го Годо“.