Албанскиот премиер Еди Рама денеска реагираше на барањето на опозициските демократи за формирање анкетна комисија за испитување на неговите патувања во странство.
Рама во објава на Твитер го смета тоа за континуиран обид за труење на народот со лаги и поттикнување кавга и конфликт, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Господе, да плачеш или да се смееш, само овде те клеветат и ти кажуваат да бидеш транспарентен! Но, како се постигнува оваа транспарентност кога ќе им ги покажете бројките, а тие се прават дека не разбираат?! И кога велат зошто ја рекламирате Албанија? Многупати сме прашани овие години за авионот Ер Албанија и им ги дадовме информациите, но сега се приклучија иранските хакери и групата Рубла Чорба (демократите кои се под сомнение дека добивале пари од Русија за избори) па чадот се издигна над пламенот, треба да се фрли што повеќе саѓи. И велат не е виновен Путин, станете луѓе, режимот мора да се урне, наведува Рама во реакцијата.
Потоа, додава тој, велат дека само шеици и диктатори патуваат со чартер, додека сите влади од регионот и од Европа, имаат свои авиони освен Албанија и Косово.
– Инаетот е сосема очигледен во континуираниот обид да се труе и поттикне овој народ на борба и конфликт, со најмонструозните клевети, тргнувајќи од полувистини кои се дури и најголеми лаги, посочува тој.
По објавените податоци за Рама од страна на иранските хакери, опозицијата обвини дека за 127 патувања со авион тој потрошил 19 милиони евра.
Отфрлајќи ги обвинувањата, Рама објави дека Сали Бериша како тогашен премиер, во 2010 за авионски превоз потрошил 251.365 леки, а тој во 2021 година 64.972 леки. Тој додаде дека приватните патувања ги подмирува од сопствени средства.