Албанскиот премиер Еди Рама, чиј нов, трет по ред владин кабинет треба да биде изгласан денеска, при презентацијата на владината програма, задржувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“ повторно ја критикуваше Приштина што не се приклучила на иницијативата.
Одлуката на Приштина ја оцени како избрзана, дека си игра со незнаење и и порача да прифати и да стане дел од оваа иницијатива, бидејќи според него, корист имаат сите Албанци.
Според него, сагата за конфликтот Косово-Србија никогаш не се затвора со изолација, туку само со отворање, пристапување кон проблемот, дискусија.
-Отворен Балкан не е игра на Србија. Отворен Балкан не е руски или кинески заговор за заживување на Југославија. Тоа не е отстапување од интеграцијата. Сето ова се приказни на гугл, со непријател кого Косово, Албанија, конечно го победија како непријател во вистинската војна со топови и пушки, благодарение на САД и најголемите европски сојузници. Секому треба да биде јасно дека Отворен Балкан не е „српска игра“, туку „ пород на Берлинскиот процес“, порача Рама.
Со остри тонови, Рама им одговори на критичарите на оваа иницијатива, кои го нарекуваат предавник, велејќи дека „на Албанија не може да и се држат предавања и за нејзините суверени одлуки не може да се преговара никаде. Времето ќе покаже кој е во право“.
-Косовските власти треба да ја донесат одлуката, додека наше е само да ги почитуваме. Сепак, албанските власти одлучуваат за Албанија и тие мора да ги почитуваат нашите одлуки. Ако не ни се допаѓаат одлуките, треба да разговараме за нив, но никогаш да не ги прогласуваме за предавници, проруси и просрби, оние кои размислуваат поинаку, играјќи со незнаење. Отворениот Балкан е пород на Берлинскиот процес, посочи Рама.
Додаде дека доколку албанскиот народ не се претстави како народ посветен на мирот, тој е предодреден да загуби.