Грција е земја за пример во напорите да прифати очајни луѓе и бегалци што се обидуваат да избегнат војни, изјави албанскиот премиер Еди Рама на четвртиот ЕУ-Арапски Самит што денеска и утре се одржува во Атина.
Во обраќањето Рама додаде дека она низ што минуваат Грција и Италија е одраз на недостигот на заедничка европска политика.
Тој оцени дека бегалската криза треба да се разгледува во поголем обем и да не се фокусира само на европските одговори на граничната контрола.
Освен учеството на Самитот, Рама оствари средба и со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис, која, како што објави тиранската телевизија „Топ ченал“ минала во позитивна атмосфера.
– Грчката страна е задоволна што е постигнат напредок во исполнувањето на нејзините барања за правата на грчкото малцинство во Албанија. Мицотакис изразил желба да ја посети Албанија за да лично се запознае со состојбата на грчкото малцинство во Албанија, пренесе телевизијата.
Според истиот извор Рама побарал од Мицотакис да бидат поактивни на Балканот, а тој одговорил дека „имаат намера да се вратат на Балканот, заедно со нивните партнери како него“.