Албанскиот премиер Еди Рама смета дека плурализмот во Албанија не е под закана доколку едно малцинство не учествува на избори, туку доколку мнозинството ги спречува да учествуваат на нив.
Овој одговор го даде во интервју за Дојче Веле, на прашањето дали ќе се создаде плуралистичко-партиски систем по изборите во април идната година, доколку опозицијата одлучи да ги бојкотира.
-Плуралниот систем никогаш не бил доведен во прашање од 1990 година. Овој систем се доведува под знак прашалник доколку една влада или мнозинството спречуваат учество на избори. Не се доведува во прашање доколку едно малцинство одлучи да избега од избори. Тоа е катастрофална одлука за оние што ја носат, секако не е одлука што и прави чест на земјата или и помага на успешноста на демократијата, но апсолутно не е одлука што го нарушува плурализмот, изјавил Рама.
Во однос на можниот датум за одржување конференција за преговори со ЕУ, Рама вели дека тоа зависи од Советот на Европа и внатрешната динамика на ЕУ.
-Ова ќе го видиме во зависност од одлуката што ќе ја донесе Европскиот совет. Но, она што е неспорно е дека ние се движиме интензивно и без оглед на тоа што ќе одлучи Европскиот совет, тоа е одлучување што зависи повеќе од внатрешната динамика отколку од она што го правиме.Ние ќе продолжиме со волја и трпеливост,изјавил Рама.
Посочил дека се надева оти конференцијата ќе се одржи на крајот на годинава, а може и следната година и нагласил дека тоа е прашање што има врска со внатрешната динамика на ЕУ.
На прашањето за предлогот даден од норвешки пратеник, американскиот претседател Доналд Трамп да ја добие Нобелова награда за мир, Рама вели дека не е на него да го одреди победникот, туку дека оваа одлука и припаѓа на комисијата за доделување на Нобелова награда.
„Тоа го знае комисијата за доделување Нобелова награда. Мислам дека не е на мене да го утврдам резултатот од целата анализа што ќе ја направи комисијата за Нобелова награда, одговорил премиерот Рама.