На локалитетот „Зарчевци“, во непосредна близина на катедралната црква „Света Софија“, археолозите откриле остатоци од ранохристијанска базилика, каде што посебно се истакнува убавината на крстилницата, како и добро зачуваните подни мозаици и фрескално украсените ѕидови.
Во соседниот локалитет „Манчевци“ веќе е завршен процесот на конзервација и презентација на дел од претходно откриените мозаици, ѕидови, столбови и арки, кои, заедно со новите археолошки наоди, формираат единствена историска целина.
Овие археолошки откритија се сведоци на нашето христијанско духовно и културно наследство, но и важен дел од идентитетот на Македонија и македонските христијани! Тие служат како поттик за идни археолошки истражувања и како поддршка за промоцијата на културното наследство пред домашната и меѓународната јавност.