РАСЦЕП: „Огнените“ и официјално не се веќе дел од ДУИ

/ 20.05.2023

Огнената група и официјално повеќе не е дел од Демократската унија за интеграција, објави Канал 5.

„Огнените“ и официјално не се повеќе дел од Демокатската унија за Интеграција. Откако вчера Централното претседателство заседаваше во Мала Речица, денеска соопштија дека со жалење го констатираат само-напуштањето на пет члена на Претседателството. Но додека од ДУИ одлуката која Огнената група ја донесе на 1-ви април да делува како фракција ја толкуваат како нивно самоповлекување од пратијата, предводникот на огнените Изет Меџити, во статус на Фејсбук, тврди дека всушност биле избркани на таен состанок кој се одржал деновиве, на кој тие не биле повикани.

„На средбата дебатирале и размислувале што ќе прават со “Огнената група”, дали ќе не избркаат, претседателот барал мислење од присутните, а за волја на вистината мал број се спротивставиле на оваа идеја. Со други зборови, побарале отстранување, исклучување, протерување по секоја цена… наведува Меџити.

За Огнените ваквото разрешување е спорно. Поранешниот потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта во телефонски разговор за Канал 5 вели дека не сатанува збор за никакво самоповлекување, а нивното отстранување од партијата е нестатутарно бидејќи членовите на претседателството можеле да се разрешат само онака како што биле избрани – со дебата и со гласање на сите 120 членови на партиското претседателство.

По ваквиот чекор на ДУИ, Канал 5 побара став од неколкумина членови на огнената група, како ќе делуваат понатаму пред се во однос на уставните измени, особено откако во нивните редови, по исклучувањето од Беса премина и пратеникот Кастриот Реџепи кој дотогаш во Собранието дејствуваше како независен. Кратко ни посочија дека ќе доставеле соопштение во текот на денот.

Во ДУИ пак продолжуваат подготовките за внатрепартиските изборни процеси. Нови претседатели на ограноците ќе се бираат на 2-ри јули. Во оние каде се уште раководат токму огнените Изет Меџити и Блерим Беџети – Чаир и Сарај, Ахмети неодамна за дополнителни координатори на ограноците ги назначи Бујар Османи и Рафиз Алити.


Од истата категорија