Мојата визија за Општина Берово е да имаме просперитетна, транспарентна и економски стабилна општина во која на граѓаните ќе им се решаваат проблемите со инфраструктурата, проблемите поврзани со комуналната дејност, општина во која институциите постојат за доброто на граѓаните, а не обратно, истакна денеска на прес-конференција Елеонора Рашковска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Општина со која добро ќе работиме, бидејќи ако добро работиме и соработуваме, нашите деца и нашите внуци ќе остануваат во Берово и на семејните места, затоа што во локалната самоуправа ќе гледаат добар партнер за соработка, за остварување и решавање на сите проблеми кои произлегуваат до секојдневието. Пред неполн месец Берово се соочи со шумски пожари на неколку локации, а гореше во близина на самите села Будинарци и Мачево. Изгореа илјадници хектари шума, изгореа белите дробови на Малешевијата, а градоначалникот беше само нем сведок на сите случувања затоа што немаше никаква институционална ниту пак организациона моќ за да ги спречи пламените јазици. Моја визија како градоначалник е да можеме поуспешно да ги решаваме проблемите со елементарните непогоди и пожарите. Затоа што видовме со што се соочи општината пред само 20 дена. Да ја модернизираме противпожарната служба, и да ги зајакнеме човечките капацитети во неа, со цел успешно справување со елементарните непогоди. И секако во најкраток рок се што е изгорено да го пошумиме. Сегашниот градоначалник на Општина Берово во својата програма многу ни раскажуваше, дека има визија да ги задржи младите со обезбедување на нивна егзистенција, исполнети содржини за користење на нивното слободно време, но ништо од тоа не исполни. На сопственикот на фабриката која ќе овозможеше вработување на околу 200 млади не му дозволи да го приватизира земјиштето со што плати и судски трошоци и камати. Наместо да им овозможи егзистенција на младите, тој не дозволи да се рестартира фабриката да се вработат младите и да формираат семејства тука во нашата општина, вели Рашковска.
Таа додава дека потоа својата неуспешна приказна ја продолжи со реконструкцијата на старата кино сала во центарот на градот во мултимедијален центар за млади кој ќе понуди нови содржини за младите, но и од тоа ништо. И по 4 години мандат салата е уште поруинирана, младите не добија мултимедијален центар и повторно неуспешна приказна.
-Стратешки проект на градоначалникот за неговиот мандат му беше реконструкција на одморалиштето на Беровско Езеро, збогатено со спортски содржини, со обнова на кајакарскиот клуб и со пуштање на граничниот премин Клепало, но повторно само приказна и тоа неуспешна. Детското одморалиште за овие 4 години е поруинирано, не е збогатено со никакви содржини, од кајакарскиот клуб нема ништо, а граничниот премин е повторно статус кво. И не треба градоначалник да се чудите зошто цели фамилии се селат од нашата општина, зошто поголем број од младите не ја гледаат својата иднина во нашата општина, зошто се помалку деца се запишуваат во нашите училишта и зошто од запишаните на крајот од првото полугодие повторно има отпишување на децата заради заминување од општината. Берово е мал град, куќите стојат и се на број, но секој божји ден има се помалку луѓе во нив, се помалку има ученици, се помалку има млади луѓе. Белата чума за жал е веќе присутна кај нас, но градоначалникот ниту со прст не мрда да се надмине сето тоа. Берово е мал град, но граѓаните во него се боеми со вистински градски навики и отсекогаш биле градски луѓе во правата смисла на зборот и тоа го знаеше целиот исток во Македонија. Берово отсекогаш бил град на занаетчиите, град на еснафите, град на земјоделците и на сточарите, град на културата со свое културно лето, познато и препознаено туристичко место. И затоа ве повикувам како иден градоначалник на општината да го вратиме стариот сјај на Берово, да ја вратиме автентичноста и препознатливоста на нашите села, да ги задржиме младите да бидат среќни и постарите зошто има една стара дума кај нас дека каменот е тежок на своето место, истакнува Рашковска.
Таа додава дека затоа како иден градоначалник еден од приоритетите ќе ми биде покривање со квалитетна канализациона и комунална инфраструктура во целата општина која подразбира решавање на проблемите со канализацијата и водоснабдувањето со крајна цел чиста и здрава вода за пиење до секоја куќа, до секој дом. Ревитализација на култното излетничко место за беровчани, па и нашите од Малешевијата на месноста Јуовец, место од кое имаат само убаво спомени сите генерации од Малешевијата.
-Да адаптираме и пренамениме дел од паркот на кејот реката Брегалница во отворена младинска летна сцена за одржување на концерти, гостување на театарски групи и стенд ап настапи, организирање на локални културни манифестации на отворена летна сцена со цела квалитетно исполнување на слободното време на младите од општината. Имаме многу проекти за работа и многу е добро да ги сработиме, и така куќите ќе ни бидат полни и по тоа ќе знаеме дека сме успеале, зошто денес нашето најголемо богатство се граѓаните и таму каде што има луѓе, таму каде што има граѓани, има се. Да се почитуваме и соработуваме, да се слушаме и разбираме, и најважното од се, да ги решаваме проблемите а не да ги создаваме и акумулираме. Само така ќе имаме успешна општина, само така ќе имаме општина за сите граѓани.