Диме РАТАЈКОВСКИ

Јустинијана (Јанка) КАНЕВЧЕВА, Михаил ГЕРЏИКОВ и ќерката Магда ГЕРЏИКОВА, 1913 година, фотографирани во култното студио на Тома С. Хитров во Софија. НЕОБЈАВЕН ПОРТРЕТ, кој по повод трите големи јубилеи: 120 години од смртта на Гоце Делчев, 120 години од Илинденското востание и 130 години од основањето на Македонската Револуционерна Организација, го објавуваме во јавноста. Оригиналната фотографија е дел од приватната архива „АПОСТОЛОСКИ и РАТАЈКОСКИ“, дел од колекцијата од над 100 оригинални фотографии и разгледници од илинденскиот период. Фотографскиот материјал е необјавен и наскоро јавноста за прв пат ќе има можност да го види.

Фотографијата раскажува дел од љубовната приказна на Гоце Делчев и Јанка Каневчева, која со сигурност е една од најромантичните, но и најтрагичните приказни во македонската револуционерна епопеја. Сеќавањата на најблиските нивни другари ни сведочат за кратките љубовни мигови и средби, исполнети со неизмерни чувства, наклонетост, искрена приврзаност и самопожртвуваност. На прошталната вечера во нејзиниот дом, пред Гоце да замине за Македонија во таа за него судбоносна 1903-та година, Јанка му го подарува црвеното востаничко знаме на војводата, со извезен лав на едната страна и девојка – Македонка на другата (симболизирајќи ги нив двајцата), како и везен срмен џемпер за својот љубен, да го топли низ македонските планини.

Јанка Каневчева умира млада, од туберкулоза во 1920 година на 41 годишна возраст. Македонскиот народ нејзината борба и посветеност за делото ги опеал во народните песни: „Јанка низ гора врвеше“ и „Ај, извикна Јана провикна“.
Михаил Герџиков, најдобриот другар на Гоце, ја раскажува нивната последна средба. Со тажно, загрижено лице и насолзени очи, Гоце го оставил својот кобен завет пред да замине за последен пат во Македонија, во обид да го спречи најавеното востание:

„Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени”.
Семејната фотографија на Герџикови е испратена до семејството Ѓошеви со наведен датум на задната страна 29 март 1913 година, Софија. Пловдивчанецот Герџиков во 1913 година се венчава со охриѓанката Јанка, исполнувајќи го Гоцевиот завет, 3 години откако се родила нивната вонбрачна ќерка Магда.

Михаил Герџиков е еден од најверните Гоцеви следбеници. Неговото име и лик се вистински култ и икона на македоно-одринската револуција, верен и доследен чувар на Делчевите идеали се до својата смрт во 1947 година. Герџиков е еден од најревносните македонисти во Бугарија, дејствителен борец за создавање на македонска држава. Со полно срце го поздравува формирањето на АСНОМ во 1944 година и борбата против фашизмот, со низа апели и прогласи во бугарската јавност, ставајќи го својот потпис на „Апелот до Македонците во Бугарија“ за поддршка на Народно-ослободителната војна во Македонија и конечното формирање на долго посакуваната македонска држава.