Паркот во местото Дупки, лоциран на местото на некогашната огромна депонија е пуштен во употреба. Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски го посети ова место кое, симболично, го доби името „Феникс”. Се простира на површина од околу 5.000 метри на кои, покрај многу зеленило, се изградени и пешачки патеки, мини полигон за деца со велосипеди, урбана опрема, како паркинг простор. Целосно е осветлен. Како новина, тука ќе функционира и првото кино на отворено во Кисела Вода.
Како што истакна Ѓорѓиевски, ова е деветти поголем рекреативен центар во општината изграден во овие две години и претставува одличен показател дека со волја, желба и работа, и најголемите предизвици можат да се претворат во најголеми можности.
-Се наоѓаме во местото викано Дупки во селото Драчево, на локацијата каде што пред да почнеме со градежни зафати постоеше огромна дива депонија. Во овие две години, успеавме во она што се чинеше преамбициозно и невозможно. Од пепел го создадовме овој нов модерен парк кој денес со сите свои содржини им го предаваме на нашите жители. Симболично, тој ќе го носи името „Феникс”. Се протега на 5 000 квадратни метри, изобилува со зелени површини, изградивме пешачки патеки за прошетки и рекреација, мини полигон за деца со велосипеди, свое катче имаат и пензионерите бидејќи поставивме клупи и корпи за отпадоци, паркинг простор и осветлување, изјави градоначалникот.
Според него, новина е тоа што тука ќе функционира првото кино на отворено во Кисела Вода.
-Тоа значи дека ги очекуваме и љубителите на филмската уметност, кои ќе имаат можност под отворено небо да уживаат во своите омилени филмови. Сумарно, очекуваме ова место да биде центарот на забавниот живот и социјалниот живот кој ќе биде ставен на мапата на културните случувања организирани од нас, како локална самоуправа. Силно верувам дека “ФЕНИКС“, од некогашна депонија сега ќе биде можеби и најубавиот и најмодерниот парк во Кисела Вода и пошироко. Инаку, ова е деветтиот поголем рекреативен центар во општината кој е изграден во овие две години и е одличен показател дека со волја, желба и работа, наголемите предизвици можеме да ги претвориме во најголеми можности, истакна Ѓорѓиевски.