Тивко и без вообичаената изборна еуфорија беше синоќа во изборниот штаб на претседателскиот кандидат од СДСМ, Стево Пендаровски. За разлика од минатото, овојпат најбројни во салата на хотелот „Александар Палас“, беа новинарските екипи, домашни и регионални, како и малкумина поддржувачи кои ги чекаа изборните резултати од првиот круг на претседателските избори, известува ТВ Канал 5 во својот прилог.
Пендаровски и Ковачевски излегоа на засебни прес-конференции на кои и двајцата не го криеја разочарувањето. Прв се обрати актуелниот претседател, за кого иако резултатот бил далеку од очекуваниот, порача дека нема да се предаде. Најави дека од денеска почнува од нула, со средби со граѓаните, за да го промовира концептот во кој верува, а тоа е напредна, просперитена и европска Македонија. Пендаровски беше дециден дека нема да бара никаков договор со ниту еден политички субјект или со кандидат од оние кои не продолжуваат во вториот круг за, како што рече, механичко префрлање на гласовите.
„Граѓаните не сум ги подразбирал како колективна група или аморфна маса која некој ќе им каже да ги префрлаат или да не ги префрлаат гласовите. Ќе одбијам каков било обид за нудење на квантум или контингент на гласови. Тоа е понижување на граѓаните. Тие се засебни политички единки. Но, имаат и свое јас. Имаат свој образ. Не можам да ги поимам тие категории, во смисла овој ќе ми понуди 30 илјади гласови, а од овој ќе побарам 50 илјади гласови. Туѓо ми е. И 2014 и 2019 година не го правев тоа. Граѓаните кои гласаа за мене не беа натерани од никого, туку веруваат во концептот кој го нудам, изјави Пендаровски.
За лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски резултатите од првиот круг се јасна порака дека казната од граѓаните стигнала. Како што кажа, поразот го прифаќаат, но од борбата не се откажуваат. Лична одговорност за лошите резултати вели чувствува и не бега од неа, а дали ќе поднесе оставка ќе зависи од партиските органи и исходот од изборите на 8-ми мај.
„Јас сум човек кој никогаш не бегал од одговорност. Ова е само прв круг, во вториот круг очекуваме подобри резултати. Што ќе се случува после избори, одлучуваат партиските органи. Имаме втор круг од претседателски избори и парламентарни избори пред нас. По тие резултати ќе се разговара на Конгресот на партијата. Ова прашање ќе ми го поставите после две недели, а може и нема да мора да ми го поставите… Ако може некој да биде одговорен, иако 2 години од седум бев претседател на Владата и на партијата истовремено, во оваа сала, тогаш единствено јас можам да бидам одговорен, никој друг, порача Ковачевски.
Инаку, ова е првпат во историјата претседателскот кандидат на СДСМ во првиот круг да освои помалку од 200 илјади гласови. Досега, најслаб резултат социјалдемократите имаа во првиот круг од претседателските избори во 2009 година, кога тогашниот кандидат Љубомир Фрчкоски освои 202.000 гласа, а најмногу гласови во прв круг има освоено Киро Глигоров во 1994 година, повеќе од 715.000 гласови. Пендаровски на претходните претседателски избори во 2019-та освои 322.000 гласови во првиот круг, а во вториот 435.000.