Силна експлозија денеска одекна низ Севастопол, најголемиот град на украинскиот полуостров Крим, кој во 2014 година беше анектиран од Русија. Воедно, тој е и најголемото пристаниште, каде е сместено седиштето на руската Црноморска флота.
Москва го потврди нападот. „Седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол беше изложено на ракетен напад, изјави денеска прорускиот гувернер Михаил Развозаев.
„Непријателот изврши ракетен напад врз штабот на флотата. Фрагмент падна во близина на театарот Луначарски… Сите оперативни служби излегоа на местото на инцидентот. Информациите за жртвите се собираат. Ве молиме да останете смирени. И не објавувајте фотографии и видеа“, порача Развозаев на Телеграм.
По експлозијата избувнал пожар. Развозаев додаде дека е можен нов напад и ги повика граѓаните да го избегнуваат центарот на градот, каде што се наоѓа седиштето на Црноморската флота.
– Пожарникарите се на терен, изјави прорускиот гувернер.
Локалните медиуми известуваат дека на улиците на пристанишниот град владее паника, а над Севастопол се издигна густ црн чад. – Ракетите ни прелетуваа над главите, а потоа се слушнаа силни експлозии, ги пренесуваат медиумите сведочењата на очевидци. ссм/