Апсењето на Алексеј Навални по неговото пристигнување во Москва е неприфатливо, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, повикувајќи на итно ослободување на опозиционерот.
Дипломатот број еден на ЕУ Жозеп Борел ги повика руските власти да ги почитуваат правата на Навални и исто така побара итно ослободување. Борел додаде дека политизацијата на судството е неприфатлива.
Џејк Саливан, иден советник за национална безбедност во администрацијата на идниот американски претседател Џо Бајден, исто така, побара итно ослободување на Навални.
Министерството за надворешни работи на Австрија изрази загриженост во врска со притворот на Навални. Во соопштението се повикува на итно ослободување и целосна и независна истрага за обидот за атентат врз неговиот живот.
Полскиот премиер Матуш Моравјецки го нарече притворот на Навални уште еден обид за заплашување на демократската опозиција во Русија и додаде дека е неопходен брз и недвосмислен одговор од ЕУ. Моравецки потсети дека почитувањето на правата на граѓаните е камен-темелник на демократијата.
Чешкиот министер за надворешни работи Томас Петаржичек изјави дека има намера да го извести Советот на ЕУ за притворот на Навални. Тој ќе инсистира ова прашање да биде разгледано на следниот состанок на Советот на ниво на министри за надворешни работи.
Дипломатот број еден на Словачка, Иван Корчок, рече дека местото на Навални не е во затвор, туку на политичката сцена, како учесник во слободно и безбедно политичко натпреварување.