Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа” упати остро реакција во врска со денешната бугарска донација за општина Пустец, оценувајќи ја како „продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија”.

-Упатуваме остра реакција кон општинската управа на Пустец, каде денеска во село Глобочани свечено отвораше модуларна амбуланта, донација од Бугарија. Ова не е ништо друго туку продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија, стои во реакцијата.

Дознаваме, се додава, дека освен претставници на општина Пустец предводени од градоначалникот Пали Колефски и заменик градоначалникот Јани Никола, присуствувала и бугарска делегација предводена од амбасадорот на Бугарија во Тирана, Ивајло Киров и Софика Мале претставник на Фондацијата „Блгарски Памет”.

– Управата на општина Пустец во последниот и актуелниот мандат беше и останува сервилна кон бугарската пропаганда и бројните посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знае дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците како Бугари во Албанија а не дека придонесе за подобрување на благосостојбата на жителите, се посочува во реакцијата на „Друштво Преспа”.

Денеска фондацијата ” Бугарска меморија” во присуство на амбасадорот Киров ја предаде донацијата во селото Глобочани, каде ќе биде лоцирана целосно опремена модуларна болница. Донирани се и клупи кои ќе бидат поставени во центрите на селата, како и апарати за копирање и принтери за потребите на општинската администрација.

– Да денеска добивме нова донација од споменатата фондација. Ние сме мала, сиромашна општина. Секоја донација е добредојдена, доколку нема никаква политичка или друга заднина, изјави претходно за МИА, градоначалникот Колефски.