Синдикалното делување не може и не смее да биде дел од било чија политичка агенда. Го осудувам бескрупулозниот напад врз мене и врз Синдикалната организација на РЕК Битола чии интереси ги застапувам и бранам изминатите три години, регираше денеска Менде Фидановски-претседател на Синдикатот во РЕК Битола.
„За формирањето на Синдикалната организација при РЕК Битола се зборувало и во минатото, но во оваа прилика само кратко ќе потсетам дека ниту некој изврши упад, ниту презеде некаков поранешен синдикат. Потврда за тоа се бројни судски решенија во моја и во корист на синдикалната организација што ја застапувам. Сметам дека со моето лично инволвирање во политички пресметки, како и со инволвирањето на Синдикалната организација на РЕК Битола во агендата на определени политички партии, целта е да се нанесе штета на мојот личен углед и на организација. Споменатата фирма постои повеќе од десет години и за цел овој период соработува со голем број претпријатија. Функцијата што ја извршувам изминатите три години нема никаква допирна точка со делокругот на работа на фирмата. Правни експерти ќе оценат дали има простор и за судска постапка во која ќе треба да се потврдат навредите и лагите упатени на моја адреса. Бесплатен оброк за вработените, автобуски превоз каков што доликува на вработените во РЕК Битола, редовна исплата на регресот за годишен одмор, заштитна опрема за вработените, повратни и неповратни средства за помош на вработените, редовно подмирување на обврските на вработените за огревно дрво и други стоки…Долга е листата на активности со кои Синдикалната организација на РЕК Битола изминатите три години ја врати довербата кај вработените и кај деловните партнери. За нејзината работа и за мојата како Претседател најдобро може да кажат токму вработените. Жалам што определени политички партии сеуште на синдикалните организации гледаат како на свои или нечии политички приврзоци. Но, тоа само потврдува колку голем исчекор во синдикалното организирање е направен изминатите три години. Синдикатот на РЕК Битола никогаш не бил посилен, никогаш не работел подобро, секогаш во интерес на вработените“ рече Фидановски.