РЕАКЦИЈА НА КРЕМЉ ЗА РАЗГОВОРОТ ЗЕЛЕНСКИ – СИ: Украинските власти и нивните западни чувари ги попречуваат мировните иницијативи

/ 26.04.2023

Руските власти го коментираа разговорот меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот кинески колега Си Џинпинг, наведувајќи дека Киев ги поткопува мировните преговори, пишува Гардијан.

„Украинските власти и нивните западни чувари веќе ја покажаа својата способност да ги попречат сите мировни иницијативи“, соопшти руското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека Кина е подготвена да вложи напори за воспоставување на преговарачки процес.

„Гледаме доследност во нашиот пристап и во одредбите во документот објавен од Кина. Украина, од друга страна, ја отфрли секоја разумна иницијатива насочена кон политичко и дипломатско решение. Секоја согласност за преговори е условена со нереални барања и ултиматуми“. соопшти Министерството.

Да потсетиме, Зеленски на Твитер објави дека имал телефонски разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг за прв пат од почетокот на руската инвазија. Станува збор за разговор кој Украина го бара долго време, а се шпекулираше уште од посетата на кинескиот претседател на Москва минатиот месец. Во тој период, Зеленски испрати и покана до Си да ја посети Украина.

Разговорот, барем телефонски, конечно се случи денеска. Кинезите нагласија дека разговорот бил инициран од украинската страна. „Имав долг и важен телефонски разговор со претседателот Си Џинпинг. Верувам дека овој повик, како и назначувањето на украински амбасадор во Кина, ќе дадат силен поттик за развојот на нашите билатерални односи“, објави Зеленски.


Од истата категорија